Трагедија ја потресе јавноста во целиот регион, откако почина 32-годишна мајка во една приватна болница во Лесковац по извршен абортус.
Зафатот бил направен од здравствени причини, поради што реагирала и полицијата, а побарано е да се направи и обдукција.
На Д.Т. која е мајка и на тригодишен син, морало да ѝ се изврши киретажа. Така ги советувал гинекологот, тврдат нејзиниот сопруг, сестра ѝ и брат ѝ.
– Операцијата траеше 40 минути. Од ординацијата мојата сопруга излезе полусвесна околу 20 часот, омалаксена од тоталната анестезија. Ѝ помогнав да влезе во автомобилот, попатно застанав да купам некои лекови и отидовме дома. Но, нејзе не ѝ беше добро. Ѝ помогнав да оди до тоалетот и падна во безсознание. Помислив дека е поради анестезијата. Ја освестив, но набрзо ми падна на раце – раскажува нејзиниот сопруг.
Додека по вторпат се обидувал да ја освести, го побарал и нејзиниот брат кој експресно стигнал кај нив.
– Во меѓувреме дојде и брзата помош. Иако спиеше во другата соба, во тие моменти нешто гласно проговори нашиот син и таа за миг се поврати. Ме праша дали е тоа нашето дете, а кога ѝ одговорив потврдно се сврте кон брат ѝ и му рече: „Чувајте ми го синот“. Тоа беа нејзините последни зборови – раскажува расплаканиот сопруг и татко.
Следниот ден тој појасни за медиумите дека неговата сопруга имала проблеми со кичмата, а во последно време и со едната нога, па одела на терапии во Ниш. Но, кога дознале дека е бремена, таа ги прекинала терапиите затоа што лекарите ѝ препорачале да мирува.
– Тогаш гинекологот јасно ѝ порача да изврши абортус, бидејќи во спротивно животот би ѝ бил во опасност – појасни тој.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.