Уште еден здравствен работник почина од последици на Ковид-19. Веселина Поп-Гонова од познатото село Стојаково, вработена како лаборант во Општа болница Гевгелија, не успеа да ја добие најважната животна битка.
„Почитувани сограѓани, пријатели.. Фамилија Поп Гонови и Арнаудови од Стојаково Ви упатуваат огромна благодарност за искажаната хуманост. Благодарение на Вас, собрани се голем дел од средствата кои беа потребни за лекувањето на Весна. За жал денес, рано наутро Веселина ја загуби борбата со коронавирусот. Ви благодариме и Ви посакуваме да останете во добро здравје. Нека почива во мир!“, објавија блиски членови на семејството на социјалните мрежи.
Оние што ја познаваат, велат дека Весна, како што ја викале колегите, била препознатлива по ведриот дух и по истрајноста. По долги години во брак, конечно ѝ се остварил сонот да се реализира и како мајка. Нејзината ќерка Ангела има четири години.
Поп-Гонова со двонеделна тешка клиничка слика беше хоспитализирана во приватната клиника „Жан Митрев“. Нејзината блиска фамилија не беше во можност да ги покрие сите средства за потребниот третман, па имаше хуманитарен апел.
Последната информација е дека парите кои се собрани ќе бидат предадени на семејството.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.