fbpx

Голем и тежок празник: Што не треба да се прави на Свети Илија

Во народното верување Свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо..

Свети Илија е пророк кој живеел во IX век п.н.е. на просторот на денешен Израел и Палестина. За неговото дело пишува во Стариот Завет, Новиот Завет, Талмудот и Куранот, што значи дека е почитуван во сите Аврамски религии како јудаизмот, христијанството, исламот, бахајството, Јеховите сведоци и мормонството.

Пророкот Свети Илија завзема значајна улога во религиите на христијаните и Евреите, а се спомнува и во Куранот. За него најмногу е напишано во Третата и Четвртата книга „Царства“, а помалку во Втората книга „Паралипоменон“ и „Книга на Малахија“.

Според верувањата, кога Свети Илија се родил, неговиот татко Савах видел ангели околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Името Илија во превод значи „Мојот Бог е Јахве“ и можеби му било додадено подоцна, поради неговите проповеди.

Младоста ја поминал во пустината, проучувајќи ја молитвата и религијата. Неговата главна карактеристика е тоа што верата ја ширел многу брзо и без страв. Во тоа време, на тамошните простори била развиена многу и феникиската вера, поддржувана од самиот цар. Со неговите јавни настапи, тој предизвикувал големи нереди по целиот Израел.

Кога Јован Крстител и Исус Христос ја проповедале својата вера, некои евреи сметале дека некој од нив е самиот Свети Илија. Исус Христос вели дека Јован Крстителот е Илија, кој ќе се појави на „големиот и ужасен ден“, како што предвидел самиот Малахиј. Свети Илија и Мојсеј се јавиле на Исус Христос на денот на Воскреснувањето. За последен пат Свети Илија се споменува од страна на Исус Христос на крстот, кога оние пред крстот сметале дека го вика Илија на помош.

Свети Илија е едиствениот пророк кој на небото воскреснал жив. Тој е еден од најзначајните светци во христијанството.

ВЕРУВАЊА

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“

И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката.

Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите.

И Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите како што и на чевларите празникот им е на Св. Спиридон, а пак на корабџиите Св. Никола, како претседател и покровител на речните еснафи. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа. Тие два еснафи принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот тоа не го прави. За него велат за да го умилостивел светецот та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат погребувал живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи.

Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млʼсне и тресне“. Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур коишто траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија.

Следни Објави

Порасна во беда: Која е снаата на најбогатиот човек во светот?

Несекојдневна животна приказна има најпознатата руска манекенка, топ-моделот Наталија Водјанова (39). Поради нејзиното тешко минато и растењето во беда, таблоидите често ја нарекуваат и Пепелашка. Водјанова минатата година конечно се омажи со долгогодишниот партнер Антоан Арно, а плод на нивната љубов е синот Максим роден 2014 година. Антоан е син […]