fbpx

Во петокот побегнав од Кабул: Потресно сведоштво за кошмарот во Авганистан

Новинарка од Авганистан, добитничка на престижната стипендија „Фулбрајт“ на Универзитетот во Небраска и дописничка на „Би-Би-Си“ од Кабул, е една од ретките жени кои имаа среќа да побегнат од Талибанците. За жал, нејзиното семејство не успеало да се спаси

Насрин Нава напиша текст за „Вашингтон пост“ во кој детално ја опишува вонредната состојба која владее во нејзината земја.

„Уште пред да го напуштам Кабул, со денови ми се повторуваше истиот кошмар. Мојата сестра трча облеана во крв бегајќи од Талибанците. Таа ноќна мора стана реалност“, го започнува своето сведоштво Насрин.

Нејзината сестра, исто така новинарка, во неделата ги собрала сите документи за да се обиде да избега од Авганистан. Но, кога отишла до банка да подигне пари, немало никој. Во следната минута здогледала толпа која извикувала „Стигнаа Талибанците!“.

„Здогледала автомобил од кој се вееле црни и бели знамиња. Со пасошот во рака, веднаш се упатила кон аеродромот. Некој ѝ ветил дека ќе успее да ја извлече. Не стигнала таму. Метежот на влезот од аеродромот бил огромен, а во меѓувреме Америка ги суспендирала сите комерцијални летови за да може прво да ги евакуира своите граѓани. Уште еден член на моето семејство кој се обиде да побегне бил ограбен. Една другарка успеала да се пробие до аеродромот, но таму останала заглавена со илјадници други. Читам дека американските војници пукале во воздух за да ги спречат луѓето да се качат во авионите наменети за американската администрација. Ете толку вредат нашите животи денес. Авганистанците се дават во морето од хаос, предавство и страв“, пишува Нава.

Таа успеала да побегне во петокот со уште многу други луѓе, но сестра ѝ и родителите ја немале таа среќа. Кога во понеделникот ѝ стигнала порака „Падна Кабул“, плачела како напуштено дете, сосема сама во Америка.

Ноќта пред да замине, семејството ѝ приредило проштална забава. Во тие моменти верувале дека на крајот се’ ќе заврши добро.

„Мислевме дека и да не биде така, на кратко ќе побегнеме. Мојата фамилија има работа во Кабул која не сака да ја остави. Се сеќавам кога со сестра ми возевме велосипед по градот. Жените тоа никогаш повеќе нема да можат да го прават. Еве сега прочитав дека Талибанците почнале да влегуваат во домовите на новинарите и на активистите. Ѝ реков на сестра ми да ја уништи гитарата, музиката на жените сега им е забранета. Ѝ реков дека ќе ја убијат ако дознаат дека се занимава со ументост“, раскажува таа.

Оваа новинарка е разочарана што Америка така лесно кренала раце од луѓето во Авганистан.

„Толку војници ги положија своите животи во изминатите две децении. Тоа што Талибанците тврдат дека нема да повредуваат цивили е лага. Кога целата моќ сега ќе премине во нивни раце, оние кои нема да им одговараат ќе ги снемува преку ноќ. Навистина не мораше вака да заврши“, завршува Насрин.

Фото: Профимедија

*Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.

Следни Објави

Драгана удри по Царовска: Не сакаме родово сензитивни содржини

Почитувани родители, драги сограѓани! На праг сме на учебна година, а министерката нема абер да не извести како ќе почне учебната година. Од неофицијални информации дознаваме дека можеби и нема да почне во септември. Ќе се запрашате зошто? Неофицијално дознаваме дека подготовката на учебници за четврто одделение не е ни […]