Последната објава на американскиот актер Мајкл Кенет Вилијамс кој вчера беше пронајден мртов во својот дом во Њујорк ги расплака сите.
Станува збор за видеоснимка со неговиот колега Трејси Морган кој страствено ги повикува пријателите да „не плачат за него“ додека зборуваше за преживувањето на кобната несреќа во 2014 година.
„Те сакам, брату“, напишал Вилијамс и го означил Морган на 31 август, само шест дена пред да биде пронајден мртов во неговиот пентхаус во Вилијамсбург, а според првичните информации причината за смртта е предозирање со хероин.
Инсертот од 40 секунди е од 2018 година кога Морган се појави во подкастот The Breakfast Club, а на кој категорично одбива било какво сожалување поради несреќата во која загина негов пријател, а беа повредени уште четворица.
„Не плачи за мене. Во ред е, доживеав несреќа. Не плачи за мене, плачи за сите други, човеку“, порачува славниот комичар.
„Баба ми велеше, кога мислиш дека ти е лошо, некому секогаш му е полошо. Постојат луѓе на светот кои немаат кого да сакаат и немаат никој што би ги сакал. Што велите за ова?“, зборува Морган на видеото.
Фановите на Вилијамс скршени од болка емотивно реагираа на овој пост.
„Е, ова е порака“, „Ова толку многу боли“ и „Судбина, на само шест дена пред трагедијата“ се само дел од коментарите.
Морган и Вилијамс глумеа заедно во иста епизода на серијата Human Giant во 2008 година.
Вилијамс се прослави по улогата во култната телевизиска серија „Жица“. Го играше Омар Литл, геј и уличен ограбувач на дилери на дрога.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.