Фаворитите си заминаа со празни раце
Александар Тодоровски е победник на 36-то издание на „Макфест“.
Пејачот за кој јавноста не знае речиси ништо успеа да триумфира на штипскиот фестивал во конкуренција на повеќе звучни имиња, меѓу кои легендарните „Интервали“, Ѓоко Танески, „Ај Кју“ и Роберт Билбилов.
„Не ми се верува. Им благодарам на сите, со огромна почит кон фестивалот. Соништата се остваруваат“, порача тој.
Второто место му припадна на Мартинијан Кириловски, а како трета заврши младата штипјанка Марија Данева.
Годинава на „Макфест“ имаше неколку новитети. Фестивалот првпат се одржа на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип. Од локалната самоуправа, која го организира фестивалот, претходно изјавија дека се решиле да ја сменат локацијата, со цел повеќебројна публика (околу 400 лица) да може да ги следи двете фестивалски вечери.
И водителите беа нови, Ведрана Ѓорѓевиќ и Миро Кацаров, водителскиот тандем на емисијата „Голден карпет“ која се емитува на Канал 5.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.