fbpx

Сведоштво за Ембла: Бев фасцинирана од топлината на татко ѝ, се сеќавам на очите полни љубов на мајка ѝ

Читам за она што и се случувало на малата Ембла и нејзиното семејство од Гостивар. Ги познавам луѓето – прекрасни, одмерени, тивки. Ги запознав случајно и спонтано дојдовме до идејата нивната приказна да биде дел од книгата „Живот вреден за живеење“. Бев фасцинирана од топлината и посветеноста на нејзиниот татко, се сеќавам на очите полни љубов на мајка ѝ. Во меѓувреме изгубивме контакт, понекогаш помислував на нив, се прашував колкава е и каде е сега Ембла – и ги здогледувам грдите наслови во медиумите дека Ембла не е посакуван ученик во нејзиниот училиште „Башкими“ во Гостивар.. Петицијата ја потпишале родителите врз основа на претпоставката дека Ембла е агресивна.

Моето чувство е – пораз. Осумнаесет години од мојот живот посветив обидувајќи се да ја менувам свеста на луѓето за нивните пријатели, комшии, соученици, сограѓани со Даунов синдром. Тоа го правев како родител, како претставник на невладини организации, како човек, верувајќи дека сето тоа некој го слуша, есапи, разбира.

Водев кампања во која учествуваше и ќерка ми Илина во неколку македонски училишта преку сликовницата „Иван и Илина“ со цел да им го демистифицирам ликот на детето со Даунов синдром на другите деца. Поминавме прекрасно. Децата беа воодушевени. Родителите исто така.

Бев речиси убедена дека тој дел од работата е завршен. И дека флоскулата „подигнување на јавната свест за правата и потребите на луѓето со попреченост“ ќе оди на буниште. Дваесетипрви век сме!

И ни се случува Гостивар, ни се случуваат родители што пишуваат петиции да се отстрани дете со Даунов синдром од наставата.

Како камен да ме тупна по глава. Па каде е одговорноста на училиштето за овој немил епилог, каде е одговорноста на инклузивниот тим во училиштето (психолог, педагог – некој??) кој требало да работи на процесот на инклузија на Ембла? До кога треба да ни се случуваат вакви грди нешта за да разбереме дека работите во коренот се погрешно поставени.

Јас сум начисто со едно – децата не дискриминираат. Тоа го прават, наставниците, училиштето, родителите. И на ваквите случаи им се прогледува низ прсти многу пати. Сум ги имала и јас со мојата ќерка. Што е најстрашно, кога тоа ќе се случи, како родител се колебаш, дали да отпочнеш војна со сите овие луѓе, или во интерес на својот мир и мирот на детето да замолчиш и проголташ. До следното…

Каде биле тие што не дискриминраат да застаната на страната на Ембла и нејзините родители?

Дали е доволно детето да биде агресивно – за да го избркаме од училиште? Знаете ли колку мамини и татини синови без дијагноза во тој случај ќе летаат од школо? Во време на масовен булинг и мракобесие по нашите училишта – се води хајка против девојче со Даунов синдром?! Кога и типични деца секојдневно се трауматизирани од психичката и физичка тортура што им ја прават нивните соученици.

Не ми се верува!

Менталното здравје на младите генерации (зборувам за типичните деца) е најстрашното нешто што и се случува на оваа земја во моментов. И наместо сите заедно да работиме во правец на тоа школите да бидат мирно и безбедно место за сите, и кога домовите тоа не се, – ние бркаме учeничка со Даунов синдром.

Поразена сум како родител и активист. Поразени сме како општество.

Фејсбук-статус на Мимоза Петревска-Георгиева, новинарка, авторка и активистка

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Трагедија: Прва фотографија од убиената Кристина

Сопругата на познатиот фудбалер од Парагвај е убиена за време на концерт во неделата навечер Кристина Вита Аранда, 29-годишната сопруга на Иван Торес, ѕвездата на фудбалскиот клуб Олимпија Асунсион, случајно била ранета во глава, а починала на пат до болницата. Вооружените напаѓачи отвориле оган и убиле две лица, а петмина […]