fbpx

Колеги, кренете глава: Наставничката Весна не прифаќа компромис

Овој штрајк е последна надеж за сите нас и гласно кажуваме: Нема компромис.

Не отстапуваме ниту за процент, не признаваме договарања. НЕ. Чашата се прелеа. Враќање назад нема. Ќе бидеме истрајни до крај. Ќе пратиме порака дека постои граница. Доволно долго се газеше по нашата професија, доволно долго се омаловажува образованието. Додека некои, кои без срам се фалеа дека лимит им е небото и се стремеа кон врвот, учителската кола се дозволи да оди удолу, па се поблиску се движиме кон дното. За жал, се омаловажи оној пред кои многумина се поклонуваат.

А штрајкуваме ли само за плати? Не, ние истовремено го искажуваме и незадоволството, кое се акумулираше во нас во претходните неколку години. Но штрајкот ни е единствената дозволена алатка, загарантирана со Устав, па веројатно заради тоа ја одбравме. Незадоволството се насобра од порано, но сега веќе ескалираше.

Веројатно гневот се појави уште со започнување на ковид пандемијата и неподготвеноста на сите фактори во образованието да се справат со неа,кога ние наставниците сами направивме СЕ за да овозможиме непречено одвивање на воспитно-образовниот процес: сами ги скративме програмите, сами се обучивме за изведување на онлајн настава (патем националната платформа чинам не профункционира), сами подготвувавме часови, сами горевме во огнот (особено оние кои наставата ја изведуваа со физичко присуство). Не бевме задоволни и не сакавме да ја прифатиме новата Концепција, укинувањето на учебниците, следевме обуки на кои не добивме одговори на поставените прашања и немавме можност за дискусија и искажување на сопствени ставови..

И сега вака сплотени и единствени нема да застанеме само на платите. Ќе бараме подобри услови во училиштата, ќе се бориме секое дете да учи во современо училиште, ќе бараме ресурси за работа.

Приказните за политичка позадина на штрајкот не поминуваат, како и оние за продолжување на учебната година. Префрлањето на одговорноста врз наставниците е погрешно и повеќе од очигледно е дека наставникот е тој кој одлучи да ја крене главата и да истрае во оваа борба. Не сакаме компромис, не попуштаме ниту за процент, не се согласуваме со никакво пазарење, затоа што треба да го добиеме барем она на кое некако и се согласивме.

Ставот на државата кон наставникот е државна политика што сведочи или за силата на државата или за нејзината слабост. Ото фон Бизмарк (1815 – 1898, германски државник)

Фејсбук-статус на Весна Кусакатска, одделенски наставник

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Полицијата трага по Маријана: Исчезна скандалозната победничка на „Големиот брат“

Загрепската полиција потврди дека е во потрага по Маријана Зајферт, победничката во регионалното реално шоу „Големиот брат“ од 2011 година. Таа денеска се одалечила од адресата на која живее и ѝ се губи секаква трага. Во моментот на исчезнувањето била облечена во кратка жолта маица, црна спортска јакна, црни хеланки […]