fbpx

Земам пензија од 12.064 мајчини денари. Не смеам да напишам македонски оти..

ПИСМО ДО МОЕТО НЕПОЗНАТО ДРУГАРЧЕ! ЕДНАШ СЕ ЖИВЕЕ!

Драго мое непознато другарче, кога слушнав дека ни нема спас, како совесен граѓанин на оваа држава, решив да направам план за одолговлечување на судниот ден. Односно да не му дозволам на ѓаволот да дојде по своето и да рече game over! Да почнам од себе. Јас земам пензија од 12.064 мајчини денари. Не смеам да напишам македонски, бидејќи учителите, наставниците и професорите, сега место по Македонски, станаа наставен кадар по мајчин јазик. Па си мислам дека и денарот место македонски станал мајчин! Полесно се оди во Европа со мајчин јазик и денар, отколку со македонски. Ако може јазикот, зошто не би можел и денарот! Значи, мене и на таквите како мене што земаат толкави пензии, па и помали, а не успеавме заедно со штрковите да одлетаме на југ, ни нема спас.

Прв настрада мобилниот! Телефоните се луксуз, па ќе се откажеме од нив. Можеме да го прескокнуваме и доручекот. Ќе спиеме до 12,00, (не до пет до дванаесет, скраја да е) и ќе штедиме на доручек. Ќе си легнуваме со кокошките и така ќе штедиме дупло, ем струја, ем вечера. Значи, додека се запролети и повторно зазеленеат копривите, штафелот и другата здрава храна, ќе штедиме и на доручек и на вечера. А како нас постарите не напушта памтењето, сигурно ќе заштедиме и на некој ручек, односно со помош на нашите најдобри другарчиња Алцхајмер и Паркинс, ќе заштедиме и некој ручек. А како слабо слушаме, нема кој да ни дојави дека ни кркорат цревата!

Вода нема да трошиме, односно ќе се бањаме секоја прва сабота во месецот, а како и за онаа работа, знаеш која(ако не ти текнува, ќе ти текне кога ќе ја поминеш шеесетата) сме месечари, значи со еден куршум ќе погодиме две мети! Ем редовно, секоја прва сабота во месецот ќе си ги извршуваме брачните должности, ем редовно, после тоа ќе се бањаме, макар и со неколку капки вода. Битно е да се бањаме, кој ќе дојде во купатилото да ни ги брои капките што сме ги потрошиле!

Значи, бидејќи одлучивме да ги прескокнете доручекот и вечерата, ќе штедиме енергија, односно брачните должности ќе ги обавуваме редовно и во ист, место мој(нема веќе мој и твој) наш термин, секоја прва сабота во месецот! И таа сабота во нашите календари ќе си ја обележиме со црвена боја, исто како да ни е празник. Подобро еднаш да ни е празник на душата, отколку ниеднаш!Ќе се откажеме и од телевизијата, иако тоа е многу ризична работа. Замисли, стануваш околу 12,00 и не знаеш дали денес ти е подобро отколку вчера, дали сме светски лидери со економски реформи, дали има историско покачување на пензиите и платите, или и за таа историја ќе одлучува историската комисија, повеќе бугарската отколку нашата!

Ќе се откажеме и од многу лекови што се пијат три пати на ден по јадење, бидејќи веќе се откажавме од доручекот и вечерата, ќе ги пиеме само оние што ги пиеме по ручекот! Значи, ќе штедиме и на лекови иако тука сите велат лекот е пет пари! Ама што корист од тоа, кога толкава е пензијата!Ама ако се откажеме од сите овие работи и многу други работи што ги наброив, место нас ќе им нема спас на многу други и побројни од нас штедачите!

Ако вака ригорозно штедиме на храна ќе се затворат маркетите, ќе нема кому земјоделците да ги продаваат своите производи… Ќе се затворат аптеките, новинарите ќе останат без работа, бидејќи нивните контактни емисии и вестите ги гледаме само ние пензионерите. Ако се бањаме само еднаш месечно со неколку капки вода ќе банкротираат и комуналните претпријатија. Ако готвиме во мали тенџериња и не користиме лифт ќе банкротира и ЕВН, а и ЕСМ, ќе останат стотици илјади луѓе без работа… И со нашето штедење можеби ние пензионерите ќе се спасиме, ама поради нас, на многу други ќе им нема спас!

Затоа јас одлучив да се помирам со судбината и да живеам со горката вистина дека ни нема спас! Дали ќе јадам еднаш дневно, или ќе се бањам еднаш месечно. Дали ќе готвам во мало тенџере или нема да користам лифт, исто ми се фаќа, односно ќе живеам онолку колку што ми е пишано!

Фејсбук-статус на проф. Миле Ѓорѓијоски

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Неочекуван пресврт: Вистината за Бориловиќ

Не стивнуваат реакциите по масакрот во Цетиње во кој Вук Бориловиќ усмрти десет лица, пред да биде убиен. Сега со писмо се обрати и неговиот брат Бошко кој изрази сочуство до семејствата на жртвите. Вели дека сите биле добри и чесни луѓе и дека не постои ниту еден збор кој може […]