Со години работи како говорник и мотивациски тренер за личен и професионален развој.
Нејзината работа е да ги инспирира луѓето да ја погледнат другата страна од проблемот каде најчесто се наоѓа решението.
За Илина Ведран оваа професионална определба не е случајна. Мотивациските говорници најчесто зборуваат преку сопствените искуства, а тоа е така и во нејзиниот случај.
Оваа дама, инаку омилена Македонка на многумина, уште како дете се соочила со тешки искуства. Била дете на самохрана мајка, а татко ѝ никогаш не го запознала.
„Мојата мајка го напушти овој свет кога имав само 14 години. Во тие моменти во мојот живот се сруши сè, се соочував со големи стравови што ќе биде понатаму со мене и наоѓав разни начини како знам и умеам да се носам со таа болка. Подоцна во мојот живот сите работи некако се средија. Завршив факултет, имав семејство, изгледаше дека сè е готово и одненадеж се случи крахот во мојот брак и на сите други полиња. Тоа искуство беше само резултат на сè што носев во себе од сите претходни искуства за кои мислев дека се останати некаде во минатото. Но, не беше така. Сè се случуваше и во мојата сегашност. Верувам дека во нашиот живот постојат само корисни искуства, во тешките времиња растеме, а во оние другите ги береме плодовите. Секој од нас има во себе карактеристики на Феникс од пепелта да се издигне доста високо. Кога ќе паднеме долу, единствениот правец во којшто можеме да се движиме е нагоре, а тешките искуства само го забрзуваат целиот процес“, раскажа таа во една прилика.
Ј.П.
Фото: Фејсбук
* Текстот не смее да биде преземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.