Уште еден живот прерано згасна
Фатмир Меџити, новиот министер за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, сподели тажна вест.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејството и најблиските за смртта на нашиот колега, д-р Горан Беговиќ. Неговата прерана смрт е голема загуба за здравството на терциерно ниво“, напиша министерот.
Д-р Беговиќ како претседател на Самостојниот синдикат на вработените во клинички центар беше голем борец за унапредување на статусот на здравствените работници.
Вечерва се огласи и Ивица Апостолов, претседателот на Здружението на медицински лаборанти на клиниките.
„Со огромно жалење и неверување ја примив веста дека денес не напушти Асс. Д-р Горан Беговиќ dr. sci.-субспецијалист, хирург и Претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Како вработен во Клинички центар, денешната смрт на др.Беговиќ ме остава збунет, во болка и во неверување, но сигурен сум дека се она што го направи како човек и Претседател за ССКЦ, др.Беговиќ засекогаш ќе биде дел од срцето на Синдикатот на Клинички и никогаш нема да биде дел од некое минато време, туку дел од сите нас кои сме членови во Синдикатот.
За оние кои го познаваа, останува празнина во душата и како верен колега, пријател и човек со работата во ССКЦ и тоа во време кога ни беше најпотребен, но за жал денес остануваме без неговата безрезервна љубов и поддршка, без неговата емотивност и грижливост за сите колеги во Синдикатот на Клинички, но и во овие тешки моменти како членови на ССКЦ ние мораме да продолжиме по неговиот пат.
Изразувам длабоко и искрено сочувство до неговото семејство за големата загуба и нека му е Вечна слава на д-р Беговиќ!“, напиша Апостолов.