Во своето прво телевизиско интервју за естрадниот магазин „Бекстејџ“, Лила Филиповска во детали зборува за борбата со канцерот, процесот на лекување, но и за поддршката од најблиските во такви тешки моменти.
„Јас знам мене како резултат на што ми се случи ова. На прво место овде беше тагата по загубата на мојот татко. Јас не успевав да се справам со тагата“, вели познатата водителка.
Нејзиниот татко почина од канцер пред речиси десет години. Болеста му била доцна дијагностицирана во поодмината фаза, иако, како што самата кажа во една прилика, бил дисциплиниран пациент кој редовно одел на лекар.
„Сè се случуваше неочекувано брзо. Кога го изгубивме ми требаше време да се соземам. И денес ми е тешко да зборувам. Времето поминува, но болката не се намалува. Сè е исто само се навикнуваш. Татко ми секогаш ни нагласуваше дека здравјето е најважно. Баш го сакаше животот“, раскажа Лила пред неколку години за „Женски магазин“.
Заштитното лице на телевизиското гејм-шоу „Сè или нешто“ токму пред смртта на татка си вистински почувствувала на своја кожа колку е сурова јавната професија.
„Речиси три месеци од болница одев директно на снимање. Останав насмеана пред камерите и во моментите кога знаев дека веќе ништо нема да биде исто во мојот живот. Пред натпреварувачите во студиото не покажував никаква емоција и секоја епизода од квизот ја одработив професионално до крај. Тоа не го умее секој“.