Отсекогаш раскажуваа дека се сретнале, се погледнале и никогаш повеќе не се разделиле. Јоспиа Лисац и нејзиниот партнер, музичарот Карло Метикош, и три децении по неговата смрт како да се неразделни. Секој концерт легендарната пејачка му го посветува нему и секогаш нагласува дека нивната љубов сѐ уште е жива.
„Не го сакам зборот сеќавање, затоа што јас сите наши слики ги носам во себе засекогаш. И не само што тие се во мене, туку ги пренесувам понатаму. Нашата љубов е сѐ уште тука и нејзината присутност ме облагородува“, објасни Лисац во едно интервју.
Нејзината љубовна приказна со Карло почнува во 1971 година. Во тоа време тој гради интернационална кариера под името Мет Колинс и како популарен пејач има армија обожавателки и дваесетина свршувачки со грофици, манекенки, стјурадеси.. Јосипа само што почнува да го привлекува вниманието како вистинска рокенрол дива.
Иако беа животни партнери, тие никогаш не се венчаа.
„Во бракот се губи идентитетот. Не би можела да поднесам некој да ме нарече своја жена. За Карло никогаш не бев негова жена, туку само Јосипа“, раскажа таа за магазинот „Стори“.
„Кога се вратив во Загреб по европската турнеја, сфатив дека музичката сцена се сменила, имаше групи и пејачи како печурки по дожд. Потоа ја запознав Јосипа. Ни се сретнаа погледите, како во некоја приказна, и потоа не се разделивме, од 1971 година. Бев воодушевен и од тоа како пее и како се однесува. До уши се вљубив во неа. Од Петрињa со автобус тргнавме накај Загреб, седнав до неа и тука по малку се запознававме. Јосипа подоцна ми призна дека како девојче, одела да види каде живеам, но ѝ кажале погрешна улица, „Моше Пијаде“. Се возела со трамвај и гледала во некој туѓ прозорец, мислејќи дека е мојот. И прватa плоча која ја купила била токму мојата, на Мет Колинс. Судбина!“, раскажа пејачот и композитор на повеќето хитови на Јосипа, Карло Метикош.
Нивната судбинска љубов е овековечена во албумот „Дневникот на една љубов“ на Јосипа од 1973 година.
Јосипа во една прилика раскажа како нивната љубов била до толку голема, што никогаш не си кажале лош збор во лутина.
„Никогаш не разговаравме така монструозно како што слушам како зборуваат денес. Никогаш не се пцуевме и не трескавме врата. Што имавме да си кажеме, веднаш ќе кажевме, не остававме за подоцна. Сè решававме со разговор. Ако едниот беше изнемоштен или под стрес, другиот ќе го расположеше, така се менувавме и функциониравме“, изјави пејачката.
Карло почина од срцев удар 1991 година. Јосипа сè уште не го преболела, а тагата, како што вели, ја носи како препознавање, оживувајќи ја нивната љубов во секоја буква, во секоја песна, на секој концерт.