fbpx

Ивановска: Вакво нешто е невозможно да се спречи, а сега ќе објаснам и зошто!

Со тешко срце го оставам овој коментар од мене, чувствувајќи се повикана најмногу поради мојата професија.

Тешко е да се помириме дека некои нешта се надвор од наша контрола. Во случајов да се помириме дека е возможно да го пратиме сопственото дете на училиште, а тоа никогаш да не се врати. Да држиме регуларен училишен час по историја, а на вратата да се појави наш ученик од 13 години, со пиштол во рака. Само едно нешто е многу важно да не се заборави. Какви и да се срединските фактори, каква и да била позадината на ученикот, не постои здрава структура која ќе убие 10 луѓе на ладнокрвен начин.

Ако профилирам стручно, мојот заклучок е дека станува збор за хибридна нарцистично психопатска структура. Уште пред да ја чујам изјавата на Вучиќ мојот коментар беше дека вакво нешто е речиси невозможно да се спречи, а во овој статус ќе објаснам и зошто.

Имате профил на високо интелегентна индивидуа во тело на 13 годишно дете. Биолошката возраст на ова дете во старт е во расчекор со когнитивната затоа што превисоката интелигенција кон која укажуваат натпреварите и наградите кои ги имал му помага детално да осмисли план за масакр. Колку деца знаете што осмислиле ваков план на 13 години? Јас не познавам ни едно, но во литературата сум сретнала голем број случаи на детска психопатија сличен на овој. На пример читајте за Cayetano Santos Godino, Amarjeet Sada, Andrew Golden, Ida Schell, Caril Ann Fugate и уште многу други низ историјата на човештвото. Заедничко за сите нив е дека на скала од 0 до 100 имаат 0 емпатија или капацитет за сочувствување со емоциите на другите. Но за сметка на тоа имаат натпросечна интелигенција која им овозможува да бидат исклучително манипулативни во остварување на своите потреби.

Како се станува нарцистична или психопатска структура?

Постојат два начина. Понекогаш е вродена, генетска емоционална попреченост. Во невропсихологијата велиме дека личноста нема невронски одговор во префронталниот кортекс кога треба да чувствува некоја емоција. За жал поради слабото познавање на нашите семејни стебла често пати се случува да не си ја знаеме сопствената генетика (секако таа може но и не мора да се активира). Другиот начин е да се преживее комплексна траума. Пример за тоа се ветераните кои се враќаат од војна. Поради преголема изложеност на смрт, болка, животозагрозувачки ситуации на фронтот и нешта кои веројатно ние ги гледаме само на филм, во нивниот ментален склоп се појавува потреба да исклучат секаква емоција со цел да се изборат за гол живот на фронтот. За кој од овие два начина се работи во случајов, не би се осмелила да заклучувам.

Дали можел таткото да го спречи? Можеби, но да бидеме реални, кој родител би помислил дека сопственото дете има капацитет за да стане сериски убиец? Особено кога имате дете кое било мирно и повлечено, со висок училишен успех. Нема да навлегувам во дискусија зошто не треба да се учат деца да пукаат, мислам дека тоа на сите ни е јасно. Но повторно имајте на ум дека од другата страна имате опасен манипулатор маскиран во тело на 13 годишник. Дали може булинг и врсничко насилство да бидат тригер? Да, може. Но ако си здрава структура повеќе од сигурно е дека нема да убиеш 10 луѓе. Ваквата ситуација е возможна само ако веќе носиш капацитет во себе кој во моментот се активирал. Можеби ќе се активирал порано, можеби подоцна.. но за психопатските структури дознаваме најчесто откако ќе го извршат своето прво кривично дело. Пред тоа е речиси невозможно да се идентификуваат освен ако не земеме сите луѓе да ги ставиме на магнетна резонанта па да видиме дали им се активира мозочната регија кога зборуваат за емотивни случки од минатото.

Она што јас го посочувам деновиве е да се осврнеме помалку на барање виновник, а највеќе на личната одговорност затоа што тоа е единственото нешто кое е во наша контрола. Работете си ја работата етично, што и да правите. Помагајте таму каде што е потребно и каде што можете, не забушавајте на работа. Затоа што секој момент во кој несовесно ја работите својата работа, некој може да настрада без разлика дали сте психолог, професор, полицаец, доктор, судија… за секоја општествена појава лекот е во нас самите затоа што ние сме општеството. Ние сме должни да сме свесни и совесни за сè што правиме без разлика дали се работи за блиска личност или непозната личност. Бидете подобри луѓе за себе. Секое земање мито, секој прекршен закон, секој пат кога некој ви нуди нешто прекрасно во замена за нешто незаконско, ве прави лесна мета на манипулатори.

Длабоко сочувствувам со болката на семејствата.

Единственото што ми преостанува е да се свртам кон себе и најдобро да го правам она што го работам и она што сум, надевајќи се дека само така ќе придонесам за безбедна средина.

Фејсбук-статус на м-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и Гешталт психотерапевт

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Убиецот немаше избор: Ведрана Рудан брутално искрена за масакрот на Коста

Ведрана Рудан секогаш без влакна на јазикот зборува на актуелни теми, а нејзината искреност многумина ја оценуваат како брутална. Таа овојпат на нејзиниот блог го објави своето видување на масакрот во Србија, кога 13-годишниот Коста во средата уби осум школски другари и чуварот на училиштето „Владислав Рибникар“ во центарот на […]