fbpx

Еве, јас ќе ви кажам: Македонски психијатар со брутално искрен статус за малиот Коста

Гледам ги мобилизираат психолозите, психијатрите, педагозите, социолозите да создадат програми и да го објаснат малиот убиец…

Овие јадници треба да го откријат и упатат на потенцијалниот убиец, да најдат начини како тоа да се спречи и превенира, а државата и општеството преку нив сака да си ги измие рацете.

Како ќе го препознаете потенцијалниот млад убиец? Еве јас ќе ви кажам-седи фрлен во последната клупа, физички заостанува или е дебел, потсмев е во класот, на него се превземаат сите можни начини на физичко и психолошко врсничко насилие ОТКАКО е означен и пикиран од страна на професорите и е прогласен за маловреден.

Малку од нив ќе се борат за место во врсничката група, ќе трпат навреди и насилство, само да се меѓу другарчињата, други ќе се изолираат, ќе избегнуваат секаков контакт, особено со девојчињата. Гневот и бесот ќе се кумулира во нив, поттикнат секако од некој вид семејно насилство, кога се сведоци на понижување и млатење на мајката; или едноставно родителот е отсатен, односно се однесува отфрлувачки и потценувачки. Бесот и јароста мора да се разрешат, една помала провокација и тие ќе се распрснат во некој чин на бизарно самубиство, (што е најчест случај кај нас) или ако имаат пристап до оружје ќе убиваат со претходен список на мачителите, убивајќи воглавно дома (исто така чест случај) или во својата средина каде се понижувани и измачувани, за што за среќа немаме сеуште пример кај нас.

Во секој клас во Македонија има по едно вакво дете или младинец, потенцијална бомба што ќе експлодира по навидум минимален стресор-што ќе правите со нив, ќе ги пикате по лудници, затворате, етикетирате на челото, ќе ги изолирате, за да го заштитите општеството. Тие и понатаму ќе страдаат во животот, анксиозни и депресивни ќе живееат на маргините, но оние кои ќе имаат капацитети да го надминат заканувачкиот период и кризата на адолесценцијата ќе станат вонредни луѓе, отпорни на стрес, водачи во општеството.

Што може да се стори? Наставникот/професорот да биде пољубезен кон нив, да се сврти кон задната клупа на која се осудени и малку да ја занемари предната клупа каде се амбициозните и пробивни деца, да детектира и спречи секаков вид на насилство кон нив, не само во училницата туку во дворот каде насилието е најчесто, да ја скроти во себе таа агресивна потреба да ги исфрли од класот зошто не одговараат на неговиот замислен просек. Да можам би ги забранил канцелариите каде се пикнати психологот и педагогот, каде поединечно работат со проблематичните и гласни деца (тие никогаш не убиваат), за да се организираат во групи каде владеаат хоризонтални односи, се промовира еднаквост , се демфира различноста, каде во една позитивна атмосфера вербално ќе се изразува внатре психолошкиот свет на детето.

Социјалниот работник скриен по институциите исто така да се истера од канцелариите и да се занимава со средиштето на агресијата-домот на насилнкот и жртвата.

Интернетот како најголема придобивка на новото време да го оставиме на родителот, кој ако ништо друго во секое време може да го извлече кабелот и да го прекрати неговиот негативен ефект, да не дозволи тие инфлуенсерски ѓубриња да внесуваат немир и збунка кај детето околу основните човекови вредности – односно дека е можно да имаш леб без мотика, без труд богатство.

Сето ова беше увод во најважното: достапност до оружјето.

Колку е оружјето подостапно, толку се шансите за овој тип на насилство поголеми. Тој што сака поголем пенис и да набави пиштол, ќе мора да докаже дека е свесен за таа одговорност, дека е психолошки спремен да се носи со неа, да се помачи низ низа ригорозни тестови и подготовки да докаже дека има личност која нема да се умисли дека е Бог и да пресудува. Докторот пиштолџија, таткото на малиот Коста имал арсенал и муниција за цел полициски вод-што ќе му се, сигурно во својот нарцистично параноичен ум, водел фиктивна војна со светот, а оружјето го набавувал преку пациенти кои му возвраќале услуги да ги слика преку ред. За десет години тој ќе излезе од затвор, но малиот Коста од лудница никогаш!

Значи ригорозноста во доделувањето и контролата на поседувањето на оружјето е најбитната превенција од масовните убиства, зад што мора да стои државата со својот апарат-да се спроведат строги правила, услови и критериуми, за да пред се ве откаже од таа глупава намера да како цивилно лице поседувате оружје, зад која стои длабока психопатолошка потка на една фрустрирана личност.

Нормално се поставува прашањето како и во се друго, дали државата е спремна да се соочи со ова ризично однесување и да постави строги правила на игра. За жал кај нас сеуште владее принципот „Овој е наш, дај му пиштол“ така да само е случајност како не ни се случил синдромот на Коста. Законите за недозволено поседување се строги, но ретко се применуваат, воглавно некој ќе застрела некого, па ке му се додадат година-две за оружјето без дозвола во севкупната казна. Автоматското оружје не смее да постои на улица, треба да биде таму каде му е место, во воените и полициски сошки.

Една од погрозните слики е мафтањето на алфите со калашникови, облечени во патики и фармерки додека апсат некој политичар или ситен крадец-Тексас. Свадбарите кои пукаат со автомати на веселба и се сликаат на мрежите треба да се лоцираат и да ги снема од општетсвото, но тие се заштитени мечки зошто се „наши“.

Си досадив и себе си, но морам и ова да го споменам-ниеден од уставобранителите не беше казнет поради поседување и влагање во собранието со оружје, макар да на снимките јасно се гледа како од десетици газови ѕиркаат дршки на пиштоли и револвери. Ова се слики кои се импрегнираат во психата на младите луѓе со порака дека насилството е дозволено и не подложи на казна..

Кој ќе биде нашиот мал Коста, времето ќе покаже!

Фејсбук-статус на Горге Хаџи Анѓелковски, психијатар

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Неочекуван пресврт! Нови сознанија за масакрот, Урош тргнал во крвав поход поради освета?!

Осумкратниот убиец Урош Блажиќ (20) имал намера да го започне својот крвав поход во центарот на селото Мало Орашје, но кобната ноќ таму не нашол никоj. На враќање поминал покрај група млади луѓе кои биле на пикник, па одлучил тие да му бидат мета. Иако поминаа четири дена од масовното […]