Мишко Крстевски триумфираше на 36-тото издание на „Фолк-фест Валандово“ со нумерата „Ема убава”.
На социјалните мрежи коментираат дека неговата победа е заслужена, што ретко се случува ако се земе в предвид дека публиката постојано има забелешки за наградените, а неретко се сомнева и во наместени избори.
Крстевски е повеќе од три децении присутен на музичката сцена. По потекло е од Неготино. Членувал во повеќе локални групи, пред да започна соло-кариера и да ја освои публиката со својата скромност и пеењето од душа, пишува „Фокус“.
Неговата мајка почина млада, додека тој уште беше тинејџер. Во тоа време, неговите две сестри веќе имаа оформено свои семејства, па тој растеше покрај татко му Кирил. Уште од тогаш беше познат помеѓу сограѓаните по својата љубов кон музиката, како момчето кое не се делеше од својата гитара.
На фолк фестивалот Валандово има учествувано многупати во минатото, има богата авторска ризница зад себе, а пред околу 20 години се пресели во Скопје со семејството, каде има чести настапи во локали.
Тој е семеен човек, во брак со неготинката Сунчица со која ги имаат синовите Кирил и Никола, а од пред неколку години е и дедо.