Поминаа точно две децении од свадбата на Калиопи и Васил Зафирчев. Македонската поп-дива и познатиот актер во 2004 година се заколнаа на вечна љубов во црквата „Света Петка“.
Двојката направи и голема свадба во еден познат скопски хотел каде на едно место се собраа естрадни фаци, претставници од дипломатскиот кор, новинари, но и медиумски неекспонирани блиски пријатели на младенците. Црковен кум им беше актерот Дејан Лилиќ, а сведок во матично, кралицата на ромската песна, Есма Реџепова.
Тања Кочовска, Олгица Христовска, Тоше, Каролина, Владо Јаневски и Виолета Томовска беа дел од пејачите што таа вечер се фатија за микрофон. Славе Димитров специјално за брачната двојка ја отпеа легендарната „Чија си“, а изненадување плус за присутните беше стомачниот танц од две атрактивни танчарки.
На свадбата запеа и самата Калиопи, а меѓу другите песни, на Васил му го посвети српскиот евергрин „Беле руже“, по што тој ѝ подари цвеќе. Беше тоа настан за паметење.
Во 2011 година тие се разделија, но нивниот аутфит е нешто за коешто уште долго ќе се раскажува.