Душан Бојиќ (73), сопственик на локално кафуле, викендов на необичен начин бил испратен во вечните ловишта од страна на неговото семејство и жителите на Прељина кај Чачак. Наместо во капелата или во дворот на семејната куќа, како што е обичај во тамошните села, неговиот ковчег бил ставен среде кафеана.
„Го однесовме во истата таа меана каде и мештаните и гостите секојдневно го среќаваа Душан. Ќе го паметиме по песната и по насмевката. Целиот живот го помина работејќи таму, дружејќи се со сите“, велат неговите најблиски.
На вратата од локалот ги пречека хармоникаш кој тивко свиреше рефрени на Тома Здравковиќ.
„Тоа беше последна желба на Душан, остави аманет како да го организираме неговиот погреб. Неговото тело беше изложено во меаната каде што работеше цел живот и се забавуваше со луѓето. Душан сакаше да биде испратен со звуците на песните на Здравковиќ, кого го познаваше и со кого поминаа многу денови и ноќи“, раскажува роднина на починатиот.
На сопругата на Душан, Дорина, со која беше 35 години во брак, овде ѝ изразуваа сочувство.
„Кафаната и летната бавча брзо се наполнија со луѓе, а сите беа послужени, како што сакаше Душан. Од хармониката цело време се слушаше музика. Му се исполни последната желба да замине на другиот свет од местото што најмногу го сакаше и да биде испратен со песна од сите оние со кои поминал добар живот“, вели истиот роднина.
Погребот бил извршен според сите православни обичаи, а свештеникот не се спротивставил на исполнувањето на барањата на Душан.