Ана од Скопје е пример дека се’ уште постојат добри луѓе
„Сакам јавно да ѝ се заблагодарам на една исклучителна личност која ми го спаси животот во моментот кога ми требаше итна помош“, ја почнува својата објава Александра во популарната фејсбук-група „Грчка инфо“ која за кратко време собра огромен број на прегледи.
Имено, како што истакнува оваа Србинка, додека патувала за Грција на одмор, наеднаш ѝ се слошило и се онесвестила покрај патот.
„За жал, многу минувачи не застанаа да помогнат, но една храбра и милосрдна жена, Ана Петровски од Скопје, не се двоумеше. Ана беше единствената која го запре својот автомобил и дојде да помогне. Таа ми пружи прва помош и ме врати во живот, додека моите деца плачеа, а сопругот очајнички се обидуваше да запре други возила“, пишува Александра.
Како што понатаму истакнува, нејзината несебична и професионална реакција била пресудна во тој тежок момент.
„Ана, ти благодарам од се’ срце што покажа дека се’ уште има добри луѓе на светот. Твојата скромност и несебичност се навистина за почит. На крајот само не’ поздрави и ни посака Божја заштита, а потоа дискретно се оддалечи. Твоите дела се бесценети и вечно ќе ти бидеме благодарни. Ти благодариме што си наш ангел чувар“.
Александра од благодарност и почит кон Ана, која од скромност одбила да размени контакти за да не се чувствуваат должни, одлучи да го отвори овој профил со единствена намена-јавно да ѝ се заблагодари. Ваквите гестови дефинитивно ја враќаат вербата во подобро утре.
Фото: Мондо.ме