За популарната македонска водителка Јелена Спенџарска осми август е посебен ден.
Пред две години животот комплетно ѝ се промени кога го запозна партнерот Лукас со кого сега живее на релација Скопје-Солун.
„Осми август е посебен ден за мене. Буквално животот ми е променет скроз откако сум со Лукас, некако имам чувство дека си дојдов на своето и од тука сè понатаму е толку полесно и забавно“, напиша таа на својот инстаграм-профил.
Спенџарска неодамна призна дека на почетокот ѝ било хаос да живее во Грција, а да работи во родната земја, што со гардероба, што со лични предмети, нова средина, нов менталитет, нов животен стил, но, како што раскажа, времето полека си ги подредило сите работи и сега веќе е добро организирана.
Во едно од нејзините поемотивни обраќања кажа дека никогаш претходно не била во вака здрава и функционална врска.
„Едно време дури се прашував дали некогаш воопшто ќе најдам човек со кој ќе поставиме цврсто тло и од таму заедно ќе градиме и заедно ќе растеме. Знам во какво време живеам, свесна сум дека лагата и неверството станаа секојдневие, а не го сакав тоа за себе, па затоа и скоро да изгубив надеж, сигурна сум дека многу од вас сте во ист таков страв како мене. Целосно ве разбирам. И после, како гром од ведро небо ми се појави овој човек, во време кога единствено што ме интересираше беше што ќе јадам и дали ќе имам добра слика за објавување. Интерес за дечко-нула“, напиша во една прилика популарната водителка.
Во истиот пост призна дека овој човек ѝ носи една неверојатна леснотија.
„На почетокот мислев дека е скриена камера ова зашто не ми беше реално, нема да ве лажам, но еве после толку време, го живеам овој мој некогашен сон и ми е сосема нормално.
Не сакам ова да испадне како фалење, туку баш напротив, како инспирација да верувате дека таму некаде постои вистинскиот маж за вас покрај кој ќе се чувствувате како божица иако сте само една обична жена. Да не се задоволувате со малку, со трошки, заборавете на тоа: ‘Ќе го сменам јас, ќе се промени, ќе му дадам уште една шанса’ , не паѓајте во таа дупка. Длабоко во себе секогаш ќе знаете. Животот е краток“, им порача Спенџарска пред неколку месеци на обожавателите.