Есма Реџепова, кралицата на ромската песна, денеска ќе го прославеше својот 81-ви роденден. Почина на 11 декември 2016 година, а три години подоцна една од најблиските нејзини соработнички раскажа што се случувало последните часови пред смртта на легендарната пејачка.
Зорана Костовска тогаш за „Женски магазин“ раскажа дека никогаш нема да го заборави разговорот во деновите кога Есма била хоспитализирана и кој, како што вели, сѐ уште ја прогонува.
„Држејќи ме за рака ми ја кажа нејзината последна желба. ‘Закопајте ме во дворот на куќата. Кога ќе доаѓаат да го видат, ќе ми запалат свеќа. Кој ќе оди на гробишта да го прави тоа’. И ветив дека така ќе биде и ја излажав. Не мислев дека по неколку дена засекогаш ќе нѐ напушти. Тоа никогаш нема да си го простам“, се присети Костовска.
Во истиот разговор Зорана потсети дека Есма никогаш не се декларирала како муслиманка и дека ги прифаќала сите вери и религии.
„Беше космополит. Велеше дека и најотровната змија може да оди кај што ќе посака, а дека ние сме ограничени со пасоши и со граници“, раскажа таа.