Уникатна љубовна приказна има познатата актерска двојка Тања Кочовска и Предраг Павловски.
Се познавале уште од студентските денови, но бидејќи во тој период и двајцата имале долги врски не обрнувале многу внимание еден на друг.
Во 1994 година на покана на Љубомир Чадиковски познатата актерка и пејачка почнала со работа во Театарот за деца и младинци, а по неколку месеци во ансамблот дошол и Павловски.
„Во тој период јас бев најзгодна, ама Предраг не ме забележуваше. Мислеше дека сум медиумска личност и дека покрај себе имам некој богаташ со „порше“ и со викендичка на Водно, па немаше храброст да ми пријде. Беше популарен меѓу колешките, па почнав да го загледувам, да видам што толку другите гледаат во него. Си реков, не е лошо детево. И така, почнав да носам сè покуси здолништа. Еден ден, со еден колега и со секретарката Вики се договоривме да одиме на ручек. Потоа отидовме кај мене дома и во пет часот изутрината тој ме побара за жена“, во свој стил раскажа Кочовска пред десетина години за еден познат македонски магазин.
Кочовска го има синот Александар кој го доби од првиот брак со неодамна починатиот актер Владимир Ендровски-Љац.
Од бракот со Павловски ја има ќерката Нела.
Во едно интервју од пред неколку години таа откри дека синот завршил факултет за туризам, а дека ќерката тргнала по нејзините стапки.
„Тие се деца кои се израснати со двајца актери, а актерскиот живот не е баш едноставен. Тоа се деца кои никогаш не ми повишиле тон и се благодарни на се’ што сме им дале во животот. Не дека некогаш не знаат да изненадат, хаха. Се чувствувам многу горда мајка со добро воспитани деца“, раскажа Кочовска.