Беше една од најангажираните македонски пејачки, но веќе подолго време е комплетно повлечена од естрадниот живот и одлучи креативниот израз да го насочи во една сосема поинаква бранша.
Верица Пандиловска ја паметиме по многу фестивалски хитови, сними неколку одлични нумери, а речиси сите ја знаат по заразниот рефрен „Кучкин син“ за кој на времето сними атрактивен видеозапис.
Нашата поранешна поп-ѕвезда повеќе од една деценија е во брак со Звонко Гичев со кого сега живее на релација Македонија-Холандија.
Како двојка имаат и интересна љубовна приказна. Долг период се дружеле пред да станат дечко и девојка. Им требало извесен период за да разберат дека пријателството треба да се продлабочи, а познатата пејачка пред неколку години во интервју за „Дневник“ откри дека интересен бил и моментот на запросување.
„Едно утро Звонко ме разбуди со прекрасно сервирана чинија со свежо овошје. Ме погледна со неговите волшебни плави очи и клекна до креветот во нашата спална. Ме изненади, бидејќи во првиот момент не сфатив за што се работи. Сè уште не бев расонета. Забележав дека во средината на чинијата има нешто невообичаено. Тоа беше порцеланска кутија за накит во форма на срце. Ја отвори. Во неа стоеше златен прстен. Се насмеа и ме праша дали ќе се омажам за него. Се разбира дека веднаш се разбудив. Тоа беше едно од моите најсреќни утра“, раскажа тогаш пејачката.