Естрадниот новинар Зоран Василевски кој веќе три години се бори со канцер утре конечно заминува на операција во Истанбул. Откако јутјуберот Стефан Лазаров пред една недела побара донации за својот близок пријател и соработник, средствата се собрани.
Лазаров и Василевски снимија и десетминутно видео во знак на благодарност до сите хумани граѓани, а во својата најнова емотивна исповед популарниот Зоки Фаци одлучи да раскаже како почнало сѐ.
„Чудни се патиштата господови. Сѐ почна пред три години кога бев во Катланово, таму имам куќа. Полевав цвеќе и носев апостолки. Се лизнав и вечерта ми излезе на ногата како топче. Мислев дека сум го зезнал мускулот, но излезе дека е сарком кој го извадија после четири месеци и беше 750 грама. Мислев дека тука заврши приказната, тоа беше мојата прва операција кај д-р Џонов на Клиниката за пластична хирургија“, раскажува тој.
По една година на истото место се појавил нов тумор. Хирургот тогаш рекол дека тоа „не му се допаѓа“ и сепак ќе треба да се оди и на хемотерапија.
„Хемотерапијата ја примив во државна болница кај д-р Игор Стојковски и за кратко време ми се појави туморот на стомак. Хемотерапиите ми го уништија животот, од 90 килограми дојдов до 68 и ми се смени начинот на живот. Кога пиев вода мислев дека е нафта, а и не знаев што јадам, немав вкус. Хемотерапијата мојот организам не ја прифати. Примав четири хемотерапии и направивме пауза. Не смеам да примам хемотерапија додека туморот е сѐ уште во мене“, објаснува Василевски во видеото во кое открива и зошто решил да не се оперира во македонското јавно здравство.
Му било кажано дека операцијата може да се изврши на крај на септември, но како што вели, операцијата е итна и без неа би имал само уште неколку месеци живот.