Во „трагичен сплет на настани“ викендов починаа мајката и сестрата на Мараја Кери.
Поп-ѕвездата ја потврди тажната вест. Патриша (87) и Алисон (63) починале истиот ден, а причините за смртта се’ уште не ѝ се познати на јавноста.
„Срцето ми е скршено, минатиот викенд ја изгубив мајка ми. За жал, поради трагичен сплет на настани, и сестра ми го загуби животот истиот ден“, изјави американската пејачка за новинската агенција ПА.
Таа открива дека се чувствува благословено што можела да ја помине последната недела со мајка си пред да почине.
„Ми значи љубовта и поддршката од моите фанови кои ја почитуваат мојата приватност во овој неверојатно тежок период за мене“, вели Мараја.
Нејзината мајка Патриша и таткото Алфред се развеле кога таа имала само три години. Нејзиниот татко почина во 2002 година на 72-годишна возраст. Во своите мемоари од 2020 година „The Meaning Of Mariah Carey“, пејачката се отвори за „комплексниот“ однос што го имала со нејзините родители. Во 2010 година, таа и нејзината мајка, инаку школувана оперска пејачка, снимија два дуета.
Во истите мемоари раскажа и за многу покомплицираниот однос со нејзината постара сестра. Тогаш таа напиша дека е „емоционално и физички побезбедно да не е во контакт“ со Алисон и со нејзиниот брат Морган.