Денеска е Положување на појасот на Пресвета Богородица. Жените овој празник го минуваат во строг пост и молитва, за полесно да раѓаат, а оние кои не можат да имаат деца одат во црква или манастир посветен на Богородица и ја молат за милост. Велат дека со молитвата жените кои не можат да имаат деца ќе добијат, а болните ќе се излечат.
Празникот се празнува поради чудото што се случил со овој појас на Пресвета Богородица. Тој ја излекувал царицата Зоја, сопруга на царот Лаф Филозоф, кој нашол место и во нашата традиција.
Празникот Положување појас на Пресвета Богородица или Богородичин појас се празнува во спомен на денот кога Богородица прв пат се опашала. Меѓу облеката останата од Пресвета Богородица бил и нејзиниот појас, кој бил предаван од поколение на поколение меѓу верниците.
По своето успение, Пресвета Богородица му го дала својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна бил пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отварал, сè до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.).
Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболела, и според некое таинствено видение посакала врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помолил патријархот, па го отвориле ковчегот, го извадиле појасот и го положиле врз болната царица. Таа веднаш оздравела.
Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник. Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцелила со помош на овој појас и подоцна, кога се омажила за царот Абухаз Грузиски, таа понела дел од појасот со себе.
На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.