Одложена е операцијата на естрадниот новинар Зоран Василевски која денеска требаше да се изврши во една од приватните скопски болници.
Јутјуберот Стефан Лазаров, инаку близок соработник и другар на популарниот Зоки Фаци, денеска пак се огласи на социјалните мрежи.
„Здраво луѓе. Знам дека сите очекувате нови информации околу Зоки па да ве известам. Вчера е хоспитализиран и денес требаше да биде опериран, но поради дополнителни испитувања операцијата е одложена за наредните денови. Како што ми пренесуваат, операцијата е многу сериозна и се чека лекарскиот тим да одлучи кога ќе биде подготвен“, напиша Лазаров.
Пред две недели Василевски се врати од Турција каде правеше низа испитувања кои, како што откри Лазаров, за три дена чинеле околу 7.000 евра. Истите покажале дека туморот е над 30 cm и дека има метастази во почетна фаза.
Василевски кој пред два месеца почна со хемотерапии и видно ослабна, неодамна изјави дека е трогнат од масовната поддршка која ја добива од македонските граѓани.