Наташа Соврановски, 25-годишната Македонка која беше пријавена за исчезната на втори септември во Германија, е пронајдена мртва во шумска област во Бад Тејнах-Завелштајн, во близина на Штутгарт.
Тамошната полиција уапси 45-годишен маж кој, како што наведува полицијата, имал лична врска со жртвата. Тој се наоѓа во притвор, а официјално се сомничи за убиство од небрежност.
Пред да се случи немилиот настан, Наташа со партнерот и нивната едногодишна ќерка престојувала во Штутгарт. Веста за нејзиното исчезнување на социјалните групи посветени на дијаспората прв ја објави токму таткото на нејзиното дете, инаку Германец.
Милчо Совраноски, таткото на Наташа кој живее во Охрид, пред десетина дена изјави дека целата работа со објавата на апелот била избрзана. Тој тогаш претпоставуваше дека таа најверојатно заминала по своја воља, бидејќи имала проблеми со партнерот.
Како што раскажа таткото, Наташа била вработена како обезбедување.
„Имаше несогласувања со партнерот кој не е вработен, само таа работеше, и мислам дека поради тие несогласувања си заминала. И во минатото кога одела на пример на одмор, се случувало да не ни јави, возрасна е, за нас тоа не е ништо чудно. Тоа што ја оставила ќерката со татко ѝ, може да значи дека заминала некаде да се среди, па потоа сигурно ќе дојде по детето“, изјави Совраноски за „Фокус“ две недели по исчезнувањето на неговата ќерка.
Семејството Совраноски во 2001 година се преселило во Италија, а потоа заминало во Германија. Во меѓувреме, родителите на Наташа се развеле, а мајка ѝ останала да живее во странство.