Семејна трагедија ја потресе македонската јавност. Во тетовското село Слатино денеска се пронајдени мртви 36-годишна жена и нејзината четиригодишна ќерка.
Случајот во полиција го пријавил доктор кој претходно бил повикан за интервенција од страна на мајката на починатата жена, која ги пронашла телата на нејзините ќерка и внука.
За немилиот настан се огласи и МВР.
„Денеска (08.10) околу 14:00 часот во СВР Тетово Т.Ј. од Теарце во својство на лекар пријавил дека бил повикан на интервенција во село Слатино од М.З. од Слатино, Тетово, и без знаци на живот ги пронашол нејзината ќерка К.Ш (36) и неговата внука-доенче во нивниот семеен дом, каде што била констатирана смрт. Постапувајќи по пријавата, обезбедено е местото, каде екипа од СВР Тетово во соработка со јавен обвинител извршила увид и по наредба на обвинител безживотните тела на починатите се предадени на обдукција, додека сопругот Р.Ш. (50) заедно со неговиот малолетен син, ќе бидат пренесени на лекарска помош во тетовската клиничка болница, а потоа лицето Р.Ш. ќе биде приведено во Полициска станица за понатамошно постапување“, пишува во соопштението на МВР.
Телма неофицијално дознава дека станува збор за дисфункционално семејство, кое живеело во куќа со ниски хигиенски услови.
Според информациите до кои дојде ТВ21, таткото имал психички проблеми, но таа вест не е потврдена.