Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања Ѓорчевска, утрово пристигна во Основниот кривичен суд Скопје како сведок на денешното рочиште од судењето за двојното убиство-на нејзината 14-годишна ќерка и на велешанецот Панче Жежовски (74).
Ѓорчевска пред судот посочила дека не познава никој од обвинетите, како и дека не е скарана со таткото Александар.
„Тврдеше дека Вања е киднапирана, а на прашањето зошто одговараше-нема што друго да биде“, кажала таа.
Таа го почнала своето сведочењето објаснувајќи каде живееле и како го поделиле имотот со поранешниот сопруг Александар.
„Настанот се случи на улица Наум Наумовски Борче бр. 87, два месеци живеевме во тој стан, од 10 септември. Претходно живеев во стан на улица Славе Деловски, кој беше моја сопственост. Станот на Наумовски Борче во моментот беше на Александар, претходно беше мој, татко ми ми го препиша“, изјавила Ѓорчевска, пренесува порталот „Прес 24“.
На прашањето зошто му го дала станот на Александар, Зорица рекла дека не може да каже конкретно.
„Јас имав два стана, тој бараше еден да биде на негово име, за ако некому од нас нешто му се случи, да останат за децата. Во 2018 година станот му го префрлив на Александар. Потоа децата сакаа да живеат во тој стан и јас како старател побарав станот да се префрли на име на децата. Постапката почна, едниот стан на едното дете, другиот на другото дете. Нотарската заверка никогаш не беше завршена, тој се повлекуваше, ретерираше. Кога се преселивме, јас инсистирав да се доврши постапката. Јас го користев станот, почнав да го уредувам, да го преградувам, нарачавме мебел и се преселивме на 10 септември. Претходно беше даден под кирија, а киријата ја земаше Александар“, изјавила Ѓорчевска.
Таа додала дека во нејзина сопственост има станови во Капиштец и во Аеродром, како и мал стан во Охрид, кои ги наследила од нејзините родители.
Зорица раскажала и како течел обидот за пронаоѓање на Вања.
„На ниту една снимка, на ниту една камера ја намаше Вања. Се понудија повеќе фирми, бурекчилница, приватни куќи ни даваа снимки за да можеме да ја најдеме Вања, но нејзе ја немаше“, рекла Ѓорчевска, пренесува порталот „Скопје 1“.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Првообвинет е Љупчо Палевски, а обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Вања и Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември минатата година. По неколку дена беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.