На денешното рочиште од судењето за двојното убиство-на 14-годишна скопјанка Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски (74) сведочеше Музафер Калишиќ, кој на 27 ноември кога беше грабната и убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска, бил помошник-началник на СВР Скопје за криминалистички работи и насилен криминал.
Откако раскажал за чудното однесување на таткото на Вања кој не престанал да тврди дека неговата ќерка е киднапирана и убиена и дека џабе ја бара полицијата, сведочењето продолжило со прашања за обвинетиот Влатко Кешишев.
„Кога отидов во просторијата кај Влатко Кешишев, кого колегите го привеле, а тој не сакал ништо да им каже за исчезнувањето на Вања, тој сакаше насамо да ми покажел нешто. Замоли да не знае Палчо, оти ќе го убиел. Седнавме во кола, не однесе директно кај запаленото возило ‘цитроен’. Тоа беа тие моменти кога понатаму сакаше нешто да каже, па да не каже. Тоа се случуваше во Бразда. Сепак рече, ајде ќе ве однесам. Седнавме, возевме по едно патче по негова насока. Не, не можам да кажам, рече. По едно време се премисли: ‘Ајде’. Го прашав: ‘Каде?’ Не знаев што. Во еден момент рече: ‘Таму, кај перниците’. Почнавме да копаме”, сведочел началникот, пренесува „СДК.мк“.
Потоа Кешишев пак му се обратил.
„Ќе ти кажам нешто, тука има некој”, му рекол Кешишев.
„Кој има тука?, го прашал Калишиќ.
„Копавме кај што покажа Кешишев. Кога се виде носот, веѓата и едната нога на девојчето, престанавме”, тивко кажал сведокот, пренесува истиот портал.