Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, е обвинет дека му дал информација на првообвинетиот Љупчо Палевски дека критичното утро неговата ќерка одела сама на училиште, без помалата сестра.
За Александар денеска сведочеше Музафер Калишиќ, кој на 27 ноември кога беше грабната и убиена Вања, бил помошник-началник на СВР Скопје, за криминалистички работи и кој првата вечер ја барал Вања заедно со него. Калишиќ раскажал дека Ѓорчевски бил конфузен во однос на тоа што го прашувале, за тоа што би можела да биде причината за исчезнувањето на Вања.
Кога обвинителката прашала на кои локации отишле, тој го дал следниот одговор.
„Мајката кажа дека има стан во Капиштец. Кога кажавме ќе одиме таму, Александар рече џабе ќе одиме, јас веќе бев таму. Со колата на Александар отидовме првин во подрумот, а потоа горе. Цело време Александар тврдеше дека џабе губиме време, дека ќерка му е киднапирана и убиена. Продолживме да бараме во Капиштец, тој цело време велеше ‘џабе барате’. Нејќеше да излезе од автомобилот. Го прашав зошто не излезеш од колата, зашто и роднината на Зорица ме праша. Пак ми рече дека џабе бараме, киднапирана е и убиена. И, цело време тоа беше: ‘Ајде да бараме и џабе бараме, убиена е’. Истото го коментираше и во колата”, одговорил Калишиќ, пренесува порталот „СДК.мк“.
„Го прашав зошто така смета дека детето му е киднапирано и убиено, дали должи пари, дали има закани, поврзан ли е со некои политичари, одговори негативно”, продолжил тој.