Култното дело на Оливера Николова оригинално е објавено во 1963 година од страна на „Детска радост“.
Писателката пред повече од една деценија за тогашниот „1Е Магазин“ раскажа дека пред да ги напише расказите немала некој особен афинитет кон детската литература.
Ѝ се чинело дека не ја познава доволно детската психологија зашто сѐ уште немала свои деца. Во тој период пишувала репортажи и подготвувала емисии за деца во „Радио Скопје“.
– На радиото се емитуваа кратки текстови за кои ми беше тешко да ги барам, да ги препечатувам, па почнав самата да си ги пишувам. Оттука се родија расказите за Зоки Поки – откри тогаш Николова.
Уште при првото издавање, книгата добила високи оценки од критиката како големо освежиување во македонската детска литература. Стилот на пишување и начинот на третирањето на темата биле сосема нови.
– Дотогаш во литературата наменета за најмладите преовладувале руралните теми или бајките. Наеднаш сите почнаа да зборуваат за Зоки Поки, урбано дете кое со своите итроштини остана врежан во меморијата на многу генерации – раскажа Николова во таа прилика.