Ја загуби битката со ракот
Почина новинарот Зоран Василевски, соопшти утрово на социјалните мрежи неговиот близок соработник и пријател, јутјуберот Стефан Лазаров.
„За жал, ова утро во 6:40 почина Зоран Василевски. По долга борба со ракот тој не успеа. Македонија изгуби новинар, другар, човек кој знаеше да помага на сите.
Сочувство до фамилијата и блиските. Погребот ќе биде утре, а каде и кога ќе ве известам. Те сакам пријателе, секогаш ќе се сеќавам на тебе и на твојата насмевка. Многу ќе ми фалиш“, напиша Лазаров.
Популарниот Зоки Фаци пред две недели не беше во можност да се појави на роденденската забава на естрадниот магазин „Бекстејџ“ кадешто заедно со јутјуберот Стефан Лазаров требаше да подигне награда. По манифестацијата сними видео.
„Здраво дечки! На овој прекрасен ден малку излегов на сонце со моето „ламбурџини“. Ви благодарам на сите за поддршката, односно на „Бекстејџ“, затоа што со Стефан сме одбрани за најдобри јутјубери, односно за најдобар поткаст оваа година. Се надевам дека Стефан е среќен, ова го направивме заедно, но цел благослов е негов, јас бев само една голема поддршка. Дај Боже да успеам во битката со канцерот и да продолжиме заедно да редиме успеси. Им благодарам на сите, ти благодарам Стефан на твојата поддршка на сите мои фанови и се надевам дека ќе успееме да се избориме со оваа опака болест“, кажа Василевски во видеото кое беше и негово последно обраќање во јавноста.
Зоки требаше да биде опериран во една позната македонска приватна болница, но поради дополнителни испитувања зафатот беше одложен. Претходно, Василевски направи низа испитувања и во Турција кои, како што тогаш откри неговиот близок пријател и соработник Лазаров, за три дена чинеле околу 7.000 евра. Истите покажале дека туморот е над 30 cm и дека има метастази во почетна фаза.