Таа е легендарна македонска пејачка. Имаа 77 години, преброди многу животни драми, но и во најтешките моменти пред камерите остана насмеана. Целиот свој работен век ѝ го подари на песната. И после сите успеси во кариерата, сѐ уште делува толку природно и ненаметливо, а тоа го умеат само најдобрите. Таа е нашето бисерно грло, ѕвезда што сјае повеќе од половина век.
Блага Петреска има две деца, син и ќерка, и четири внуци. Синот Олег Кондратенко е еден од највлијателните македонски музички уметници и работи во земјава, а ќерка ѝ Оља работеше и живееше во странство, но, како што откри во едно интервју, пред неколку години се вратила во земјава.
Уште од најрана возраст била ѕвезда во родниот Прилеп.
„Уште во второ одделение сосетката ѝ рече на мајка ми: ‘Ленко, девојчево од ѓубре ќе ти го грабнат’. Потекнувам од семејство со пет деца. Кој не живеел во такво семејство не знае што е убавина. Тука се бориш, кој да биде подобар, една борба, ама и поддржување, сплотување и после тоа го носиш цел живот. Јас можам да толерирам многу луѓе затоа што од мала сум така научена“, раскажа Блага во една телевизиска емисија.
Малкумина знаат дека пред да стане популарна работела и како наставичка.
„Само што завршив средно музичко училиште, имаше педагошка академија. Јас нонстоп се смеев и пеев. Таму во музичкото училиште сите велеа леле оваа учителка само пее. Учев хонорарно педагошка музичка академија. И таа професија може не беше за мене. Сакав да бидат одлични сите ученици. Сакав сите да имаат петки. Јас сум амбициозна и сакав сите да бидат амбициозни. Се каам за две девојчиња што бев построга со нив. Но, од добра намера“, призна Блага во истото шоу.
Петреска била многу млада кога починал нејзиниот сопруг и никогаш повторно не се омажила.
„Ми се случи вистинска љубов и две деца од истата. Кога останав сама одлучив да не ги повредам моите деца. Сите тројца седнавме и се договоривме дека јас ќе работам и хонорарно за ништо да не им фали, само да учат, да завршат факултет.. Така и бидна. Децата се гордеат со мене и јас со нив“, раскажа Петреска во едно постаро интервју.
Таа денес ретко ја има на големи настани, одбира каде и со кого ќе се појави. Во една емисија се пошегува дека свадбите што ги работела порано биле стопати подобри од денешните концерти.