Во последната епизода од регионалното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ боите на Македонија ги бранеше скопјанецот Коки Петрушев.
Овој 32-годишен кандидат се претстави со две песни од репертоарот на Жељко Јоксимовиќ, но повеќето членови од жирито не беа воодушевени од неговото претставување. Поддршка му дадоа само Ѓорѓе Давид и Снежана Ѓуришиќ, а тоа беше доволно да си обезбеди пласман во баражот.
Снежана кажа дека Коки сосема солидно ги извел одбраните песни.
„Многу ми се допаѓаат овие песни, особено првата, добра беше, мислев дека можеби ќе бидам третиот глас што ќе ти помогнам да избереш ментор, но за жал не беше така. Дај се од себе во баражот, ти посакувам среќа“, му порача таа.
Ѓорѓе Давид кој присуствуваше и на аудицијата во Скопје, не можеше да поверува дека се работи за истиот кандидат. но сепак му даде глас.
„Не знам што ти се случи. Дали тезгареше? Да не си болен? Ми се допадна бојата на твојот глас, те препознав и ти дадов глас. Се лизна во двете песни, мораше подобро да ја приспособиш интонацијата, но мислам дека имаш боја со која може нешто да се направи“, му кажа Давид.
Во тој момент се слушнаа довикувања во публиката, кога некој дофрли дека Коки имал температура 39 на само ден пред снимањето, а кога Ѓорѓе го праша дали е вистина, тој не сакаше да одговори.
„Не сум таков човек, не сакам да се вадам сега на тоа, сфатете ме. Без разлика на се’, и со температура 50 би пеел секаде. Секако, ви благодарам“, низ насмевка искоментира Коки.