На 73-годишна возраст почина дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј.
Тажната вест ја објави порталот „Религија.мк“.
Владиката починал денеска в болница каде неколку дена бил на лекување поради проблеми со срцето, инормира оваа интернет страница.
Владиката Тимотеј беше и портпарол на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Роден е како Славе Јовановски на 20 октомври 1951 во Младо Нагоричане, Кумановско. Во 1976 дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На Богословскиот факултет во Скопје извесно време работел и како професор, а е поставен и за в. д. ректор на Македонската православна богословија.
Монашки потстриг примил на 10 септември 1981 во Бигорскиот манастир, а на 11 септември бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември таа година бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.
По изборот за епископ на 20 септември 1981, бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 бил назначен за Митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995, од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.

