Никола Зацески е 32-годишниот битолчанец кој го подели жирито во последната епизода на регионалното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“. Тој ѝ се претстави на јавноста со македонската народна песна „Лихнида кајче веслаше“ и со хит-нумерата „Пусти ритам“ од „Тропико бенд“.
Зацески „заработи“ три паник-тастери, но и три позитивни оценки. Дополнителна врева се направи кога македонскиот пејач откри дека е школуван оперски пејач.
„Ти не смееш да си дозволиш да имаш трема. Неконтрола во првата песна, фалш, се плеткаше со емоциите, а во втората песна целосно потфрли. А, по начинот на кој пееш се гледа дека гласот ти е школуван“, му порача Мили.
Марија Шерифовиќ беше многу поостра во излагањето.
„Не можам да сфатам дека некој што има било какво малку посериозно музичко образование може да фалшира. Те молам, ова повеќе да не си го доволиш. Отиде и дипломата, отиде се’ по ѓаволите, тогаш фрли ја дипломата во канта. Стилски не се пронајде, од традиција до нешто модерно, сето тоа беше каша попара“, реагираше Марија.
Фото: Гранд онлајн
Сосема поинаков впечаток за Никола имаше Ѓорѓе Давид кој неговиот настап го оцени со чиста десетка.
„Тоа што ти се случи во првата песна им се случува на луѓе кои студираат пеење, а тоа е распејување. Јас не знам колку време му посвети на тоа пред настапот, но добро. Со тебе може да се игра на многу убав начин, а дај боже да ме избереш мене, па ќе играме фигуративно кажано“, му кажа Ѓорѓе.
На крај, Зацески сепак одлучи да ја одбере Цеца за свој ментор.