Пет месеци по трагедијата којашто се случи на приватна забава во Радишани каде животот го загуби Љупчо Лешко од Судска медицина излегоа со конечен став.
Младиот диџеј загинал од насилна смрт. Со ова, се потврди тврдењето на родителите дека нивниот син не починал од срцев удар како што наводно им тврдел вработен инспектор од МВР.
Иако е утврдена причината за смртта, и натаму, не е утврдено од што е предизвикана и што било неисправно. Нема осомничени, ниту лица кои биле во притвор. Родителите, Раде и Кети Лешко, го вперија прстот во сопствениците на приватниот објект.
Сега се огласи и сестрата на Љупчо. Стефанија Лешко ги прашува институциите што планираат понатаму, бидејќи се сигурни дека постојат доволно докази за да се покрене кривична постапка против газдите на објектот.
„Денес, по нецели 5 месеци добивме извештај од судска медицина во кој сомнежите на мене и моето семејство се потврдија. Причината за смрт на мојот брат е струен удар. Покрај сите докази и изјави би сакала јавно да ги прашам институциите “понатаму што?”. Уверени сме и сигурни дека не е несреќен случај и мислиме дека ЈО има доволно докази за да поведе кривична постапка против сопствениците на објектот. Исто така, сакам да упатам апел до јавноста, особено до родителите дека во Скопје и цела Македонија има премногу објекти кои работат без дозвола за вршење на таква дејност, со кои државата и инспекторатите би требало да се позанимаваат најмногу поради постоење на голем ризик од вакви случаи со смртен исход“, вели таа за „Скопје1“.
Во меѓувреме, обвинителката Тања Трајчевска наредила нови вештачења.
„Обезбедени се сите апарати кои биле поставени за пуштање на музика. Испитани се сведоци заради разјаснување. На сите прашања е дадена наредба за електро-техничко вештачење пред една недела. Дадена е наредбата за вештачењето да биде завршено во рок од 30 дена“, кажа таа на брифингот со новинарите.