Актерката Гвинет Палтроу (52) го основаше брендот „Goop“ кој крена голема прашина во јавноста кога почна да продава свеќи на кои пишува „Вака ми мириса половиот орган“. Истите брзо се распродадоа, а всушност имаа нота на бергам, кедар, здравец, роза дамаск и семе од амбрета. За нив требаше да се одвојат речиси 100 евра со вклучен превоз.
Сепак, изгледа бизнисот не ѝ процвета. Веќе во два наврати отпушташе работници. Само во септември 40 од нив добија отказ. И додека на социјалните мрежи кружат гласини за многу лоши деловни резултати на компанијата, менаџерот на брендот Goop се пофали дека приходите во 2024 година биле за 21 отсто поголеми од лани.
„Бизнис инсајдер“ информираше дека од Goop изјавиле дека морале да отпуштат голем број луѓе бидејќи работат на обнова на брендот. Goop е основан во 2008 година, а сега фокусот на брендот е на убавина, храна и мода.
„Сите мислеа дека сум луда и не се срамеа да ми го кажат тоа, а за мене беше најдобрата одлука и најголемата животна лекција да основам сопствен бренд. Научив дека без разлика на сите пречки треба да се истрае и продолжи да го правиш своето, особено кога веруваш во себе, го правиш она што го сакаш и она што те интересира приватно“, изјави актерката во едно интервју.
Гвинет веќе неколку години не се занимава со глума затоа што одлучи да паузира, но сега и се враќа на првата љубов. Ова дополнително го подгреа огнот дека нешто не е во ред со нејзиниот деловен потфат.
Последен пат глумеше во филмот „Avengers: Endgame“ во 2019 година, а сега прифати ангажман во филмот „Marty Supreme“.