Веќе шест месеци се трага по Злата Јанкова, 45-годишната жена од Свети Николе на која на 16-ти јуни годинава ѝ се губи секаква трага, откако едно навидум сосема нормално попладне околу 15 часот од селото Орел каде со сопругот имаат викендица тргнала кон родниот град.
Нејзините најблиски се’ уште бараат одговори. Тие сега повторно преку социјалните мрежи пратија апел за помош и за било каква информација за нејзиното исчезнување.
„Ги замолуваме сите кои имаат било какви информации за нејзината местоположба да контактираат со МВР или да се јават на телефонските броеви: 078 828 477, 071 686 952“, се вели во објавата на „Фејсбук“.
Нејзиниот сопруг Дејан Јанков претходно раскажа низ каква голгота поминува семејството по немилиот настан.
„Јас плачам, децата ме тешат и ми викаат да се смирам, ќе се врати мама, ми кажуваат, каде и да е, веруваме дека е жива и дека ќе се појави на вратата, дека ќе се разбудиме од овој лош сон.. Овде, во околината, секој камен се помести, секаде се пребара, како во земја да пропаднала возрасна жена, мајка, сопруга, посветена на фамилијата.. Никој ништо не знае, никој ништо не видел и не слушнал“, раскажа Дејан.
Тој тогаш откри дека пасошот и личната карта ѝ се дома и дека немало причина таа да замине било каде. Раскажа дека имале мирен живот, дека никому не должат и оти немааат непријатели.
Во моментот кога исчезнала, Злата била облечена во плави тренерки, маица со бела и розова боја и сиви патики. Не носела ташна и никаков личен документ со себе. Го носела мобилниот телефон, кој ѝ бил исклучен.