Не стивнуваат реакциите во јавноста по смртта на деветгодишното дете од село Пеширово, Општина Свети Николе.
Сега се огласи и таткото на починатото дете. Раскажува дека Алекс, инаку ученик во четврто одделение, било здраво и весело дете, без никакви здравствени проблеми и не бил под терапија. Вели дека неговиот син неодамна имал и систематски преглед во училиштето и дека се’ било во ред со него. Тој ги замолува институциите и медиумите да не ја шират дезинформацијата дека неговото дете починало бидејќи било болно.
Како што раскажува Ивица за „Фокус“, на 14-ти јануари неговото дете заедно со неговата мајка и дедо, со такси возило од Пеширово било однесено кај матичниот лекар во Свети Николе, бидејќи утрото повраќало. Матичниот лекар не бил на работа, на смена била друга лекарка, која му дала инфузија на момчето. Состојбата започнала да му се влошува, па таа го испратила во ЈЗУ Клиничка болница Штип, но не со амбулантно возило, туку со истото такси возило со кое мајката и дедото го однеле на матичен.
„Јас пет години работам во Словенија, за да го прехранам моето семејство. Утрото кога поради повраќање Алекс беше однесен со такси возило кај матичен лекар, јас не бев со него, бидејќи бев во Словенија. Со него беа неговата мајка и мојот татко. Таксистот е сведок на целата ситуација. По примање на инфузија, на син му се влошува состојбата, и лекарката го испраќа во болница во Штип, и тоа со истото такси возило. Ако состојбата била критична, не знам зошто не била повикана лекарска екипа од итната помош, туку детето без доктор и медицински персонал било пратено во Штип“, раскажува Ивица за „Фокус“ и додава дека кога му јавиле за лошата здравствена состојба на синот, веднаш тргнал кон Македонија. За жал, не дочекал да си го види детето живо.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонредни инспекциски надзори за овој случај. Инспекторите утврдиле дека Н.А. со матичен доктор било прикрепен во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе. Во ординацијата годинава првпат се јавил на 14.01.2025 година заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39 степени) и неспиење претдходниот ден.
„При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип“, е наведено во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Според извешатјот на ДСЗИ, во штипската Клиничка болница детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција.
МИА претходно информираше дека во Клиничка болница-Штип повторно му биле извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило било транспортирано во Клиниката за детски болести во Скопје.
„Во ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести-Скопје , детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката. На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус“, пишува во извешатјот на ДСЗИ.
Од извршените вонредни инспекциски надзори во наведените здравствени установи каде починатото деветгодишно дете било лекувано, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности не констатираше недостатоци.

