Уште од мала ги сакала модата и уметноста. Веќе пишувавме дека Фросина Кулакова настапила како солист на „Супер ѕвезда“ во 2012 година, но сега македонскиот пејач Никола Перевски-Пере открива дека првпат на овој детски фестивал се појавила кога имала само осум години.
Пејачот на „Нокаут“ денеска, како што напиша на социјалните мрежи, со тешко срце и длабока тага се обраќа поради трагичната загуба на младата Фросина.
„Кога првпат слушнав за оваа несреќа бев длабоко потресен, како и сите вие, од загубата на еден млад живот. Оваа вест ме изненади додека бев со семејството надвор од Македонија. Дури подоцна сфатив дека Фросина е дел од мојот живот, преку работата на песната „Ти и јас“ во 2010-та година. Имавме можност да соработуваме за тогашниот детски фестивал „Супер ѕвезда“, каде што беше очигледна нејзината дарба за музиката и уметноста, а имаше само 8 годинки. Неколку години беше дел од овој фестивал се додека не стане тинејџерка“, открива тој.
„Нејзината уметничка душа и прекрасниот глас ги осветли сите околу неа, а сега таа светлина прерано згасна. Оваа трагедија сите нè потсетува на кревкоста на животот и важноста на одговорноста во секој момент. Мислам дека 1000 пати минимум досега како општество се имаме запрашано како можеме да ja обезбедиме правдата да биде задоволена и трагедиите како оваа никогаш повеќе да не се повторат. Нашите деца заслужуваат безбедност на улица и правен систем кој ги штити невините, а не привилегираните“, вели Перевски.
„Ве повикувам сите да се придружите во барањето правда за Фросина и сите жртви од слични несреќи за да добиеме конечно здрав систем. Нека нејзините детски песни продолжат да живеат во нашите срца, потсетувајќи нè на убавината што Фросина Кулакова и ја донесе на светот, а нашата обврска е да го направиме подобро и побезбедно место за живот. Нека правдата биде задоволена. Длабоко сочуство до прекрасното семејството на Фросина. Пеј, цртај детенце“, порачува тој во неговата трогателна објава.

