Таткото на Фросина, 22-годишната млада дизајнерка која беше прегазена на „Партизанска“ во Скопје, денеска гостуваше во информативната програма на телевизија Сител
Тодор Кулаков уште еднаш им се заблагодари на граѓаните кои масовно излегоа на протести, а ја пофали и поддршката од медиумите.
Во своето гостување, меѓудругото, кажа дека добил информација дека некои поединци сакаат лицето кое ја прегази неговата ќерка да го сместат во друга институција.
„Бараме ова веднаш да се спречи. Ако бил ненормален имало време кога да се констатира. Ова покажува дека ниту тој, ниту неговите родители имаат барем зрно каење“, вели Кулаков.
Не сака да верува дека ќе се заташка случајот, па објасни дека три часа немало обвинител. Призна и дека го контактирале многу адвокати за да го застапуваат.
Тој бара и родителите на Васил да одговараат. Кулаков рече дека никој не им кажал дека Васил немал возачка дозвола и тоа го дознале подоцна. Вели дека неказнивоста создава вакви монструми.
Кулаков најави и нови протести и тоа помасовни пред институциите. Бара максимална казна за момчето кое ја прегази Фросина. Вели дека поради повеќето дела и прегазувањето на Фросина, Јованов треба да добие доживотен затвор.

