Прераната смрт на Игор Југ, осуденик за настаните од 27 април, денеска е топ-тема во медиумите.
Тој беше на прекин од затворската казна поради здравствени причини. Според јавувањата на повеќе портали, починал на 54-годишна возраст од срцев удар.
Само два дена пред смртта, Југ на социјалните мрежи напиша: „Уште два дена до крајот“.

Шест часа пред да почине, пак, објави статус кој сега по трагедијата звучи многу пострашно.
Во истиот зборува за „две одела“-едното, како што вели, познато за јавноста, а другото-симбол на неговото минато и „темната страна“.
Во објавата наведува дека си ветил себеси и на семејството дека никогаш нема да се врати на тоа, но дека бил принуден повторно да ја „облече старата облека“.
„Ако облечам стар костум еднаш, нема да го соблечам додека не умрам,“ напишал Југ, додавајќи дека последиците ќе ги почувствуваат оние кои, според него, го принудиле на тоа.

Игор Југ неодамна гостуваше во поткастот „Претрес со Ландов“ каде зборуваше за тортурата низ која поминал, затворските денови, неговата иделогија.. Бараше да биде ослободен и повторување на постапката. Тврдеше дека никој од осудените не е терорист, ниту сторил терористичко загрозување на уставниот поредок.

