Во Основниот суд во Штип денеска почна судењето против Фадил Зејнелов, осомничен дека на први ноември минатата година ја убил 29-годишната Емилија Пешева која зад себе остави едно малолетно дете.
Кратко по почетокот на судењето, обвинетиот го призна делото. На прашањето дали се чувствува виновен, Зејнелов одговори потврдно.
Во потресно сведоштво мајката на жртвата бара доживотна казна затвор за сторителот.
„Еден наркоман и коцкар ми го уби детето. Беше пријавуван за насилство и порано, ја тепаше, ја малтретираше, ја пречекуваше пред суд, за да ја заплаши и да се откаже од тужба против него. Секогаш на почеток на месецот, кога Емилија ќе добиеше пари, сите до денар ѝ ги земаше“, раскажува Џемиле, мајката на убиената Емилија за „Фокус“.
„Барам доживотна казна затвор. Тоа имам да му порачам и да го замолам судијата. Кога ќерка ми ќе излезе од гроб, тогаш и убиецот нека излезе од затвор“, вели мајката.
Според истрагата, Зејнелов со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. По претходна расправија, прво почнал да ја тепа во напуштен објект на Јавното претпријатие Исар, а потоа ја задавил. Сам се пријавил во штипската полициска станица.
Емилија и претходно го пријавувала Зејнелов за семејно насилство. Последен пат го пријавила два месеци пред убиството, но ја повлекла пријавата.