Малолетничка која била присутна на концертот на „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани раскажува што се случувало пкобната ноќ, пред и откако избил пожарот.
Иако нема 18 години без проблем влегла во објектот. Раскажува дека никој не барал лична карта и дека едноставно си плаќаш билет и си влегуваш внатре.
Вели дека прв реагирал Владимир Блажев-Панчо, пејачот на групата.
„Сите снимаа, на сите им беше на шала, не мислеа дека ќе се прошири толку брзо. Не го сфатија сериозно. Снимаа, се задржаа. Кога пејачот извика, јас одма излегов. Пред вратата имаше премногу гужва, луѓето трчаа, не знам ни јас како излегов во таа гужва. Некои останаа до крај, мислеа дека нема ништо да се случи“, раскажува малолетничката за емисијата „Претрес“.
На вратата имало полиција бидејќи дошле да прават рација.
„Во клубот секојпат има доста малолетни лица, јас сум една од тие. Имаше доста малолетни лица, прво сакаа да излезат за да не завршат во полициска станица, беше блокирана вратата за да не се излегува и влегува. Кога настана гужвата, беше отворена вратата за да излеземе. Луѓето паѓаа, никој не им помагаше, никој не застануваше да им помага. Многу луѓе беа прегазени и изгазени. Имам доста луѓе кои се мои блиски, што се повредени од тие газења. Во тие моменти можам да кажам дека полицијата не помогне доволно колку што требаше да помогне на луѓето за да се спасат, стоеја настрана“, раскажува таа.