Сакаш да го прегрнеш, те турка.. Се буди со крик: Потресно обраќање на Македонка

Сине мој !! Денес, на 2 април, не ти честитам само. Ти се поклонувам. Што издржа. Што не се откажа. Што ме научи што значи вистинска љубов. Што ме направи подобар човек.

Ако некогаш го читаш ова писмо, сакам да знаеш дека нема дијагноза што може да ја победи љубовта. Нема свет што може да ја скрие светлината што ти ја носиш.

Ти не си само мојот Леон. Ти си мојот учител. Мојот пример. Мојот благослов.

Мајкино мое, денес целиот свет зборува за аутизмот. Ќе стават сина лента, ќе објават статус, ќе кажат „поддршка“, ќе го споменат аутизмот како попреченост.А јас, сине мој, нема да зборувам за попреченост. Ќе зборувам за тебе. За вистинскиот пат што го изодевме заедно. За тишините што не’ кршеа, за љубовта што не’ градеше.

Не, тие не те видоа. Не беа таму кога врескаше во автомобилот, кога се удираше себе си… и мене, додека возев, обидувајќи се да стигнам до нешто што не беше дестинација, туку спас. Никој не слушна како срцето ми пукаше синхронизирано со твојот плач. Никој не виде како во моето молчење се криеа стотици прашања, а во твојата тишина се криеше повик за помош.

Јас не објавував тогаш. Не го сликав секој твој момент. Не сакав светот да те види како случај за сожалување. Не сакав да барам утеха. Сакав да те носам, да те водам, да те заштитам.

Ти беше моето дете. Моето сè. Моја битка. Моја мисија. Моја победа.

Решив да не бидам жртва. Решив да бидам мајка. Да те исправам. Да ти го покажам светот, не за да се вклопиш, туку за да го промениш. Да ја носиш својата различност како светлина, не како товар.

Сине, аутизмот не е твоја граница. Тоа е твојата врата кон друг свет. Свет што го учам од тебе секој ден. Свет без лицемерие. Без филтри. Без лажни зборови. Свет во кој љубовта не се зборува се чувствува.

Твоето молчење беше твојот јазик. Твоите движења беа твоја порака. Твоите мали чекори беа големи победи. И никој нема право да ги мери тие победи според „стандардите“.

И сега, една порака до општеството и системот:

Доста е декларативна поддршка и „инклузија“ на хартија.

Доста е од кампањи што траат еден ден, а децата како моето се заборавени целиот остаток од годината.Не ни треба жал, ни треба промена.

Родителите како мене не бараат сожалување бараат вистинска поддршка. Секоја мајка/татко што води дете низ свет што не го прифаќа, заслужува да не биде сам/а.

И до сите родители што тивко се борат:

Не се плашете. Не се срамете. Не се предавајте.

Вашето дете ве избра вас со причина. Вие сте неговиот глас, неговото рамо, неговиот свет.

Ништо не е изгубено додека има љубов.

А љубов има… премногу. И таа ќе ве однесе подалеку од што сте сонувале.

Фејсбук-статус на Амела Мемиш Апостоловска

* Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Прво станав маќеа, па мајка: Искрено со познатата македонска водителка

Во емисијата „Мамавизија“ на „Слободен печат“ гостинка беше познатата македонска водителка Зорица Николовска. На пошироката јавност ѝ е најпозната по радиоемисијата „Тик Так и Зорка“, а е авторка и на „Дневникот на трудници“ и поткастот „Труднички муабети“. „Прво станав маќеа, па мајка-мојот посинок посака братче!“, открива Николовска во оваа емисија. […]