Фатени се лицата кои два дена краделе предмети оставени на гробишта, во спомен на починатиот тапанар на ДНК, Ѓорги Ѓоргиев, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Двете лица се од струмичка Баница, а за случајот се огласија и од Министерството за внатрешни работи.
„Во полициската станица Струмица Д.Ѓ.(46) од Струмица пријавил дека од надгробно место на неговиот покоен син лоцирано на Градските гробишта во Струмица биле одземени украси и други предмети. По преземените мерки од СВР Струмица се откриени сторителите на делото, при што е утврдено дека се работи за лицата В.С.(61) и Т.С.(60) и двајцата од село Баница, струмичко“, велат од МВР.
Ги фатил таткото на Ѓоргиев, а потоа и МВР. Тие не можат да бидат гонети од државата поради вредноста на предметите, но тоа можат да го направат од семејството со приватна тужба.
По инцидентот се огласи и мајката на загинатиот музичар.
„Тато ги фати сине, два дена седеше цел ден да ги чека, ама успеа. Успеа сине како што успеа да ве направи најпристојните деца“, напиша мајката на Ѓорги во коментар на социјалните мрежи.