Родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани и оваа сабота се собраа за да го искажат револтот од начинот на кој се води истрагата.
Со протестен марш уште еднаш потсетија за трулоста на системот и побараа транспарентен процес и на обвиннителната клупа да седнат вистинските виновници.
Велат дека нивната борба за вистината ќе продолжи, иако болката и разочараноста се нивно секојдневие. Порачаа дека ќе бидат истрајни докрај заради љубовта и посветеноста кон нивните деца.
Една од мајките кои останаа без своите чеда имаше потресно обраќање.
Таа кажа дека нејзината ќерка била жива кога ја донеле в болница.
„Да, ќерка ми беше оставена на Интерно одделение во кец, полицијата не не’ пушти да влеземе. После отиде мажот ми и он ја најде во кецот, покриена со ќебе, легната на перница, на страна завртена. Сакала да слегне од кревет, и со ногата надоле падната. Не ѝ е пружено, не ѝ е дадено кислород. Така ја најдовме“, раскажува таа.